Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти на прес-конференција го најави утрешниот натпревар од четвртото коло во шпанското првенство меѓу Реал Мадрид и Бетис.
Реал и Бетис единствени забележаа по три победи во првите три кола. Италијанскиот стручњак проговори и за летниот преоден рок.
Анчелоти не не зборуваше за тактиката, туку го коментираше учинокот на одредени играчи.
„Орелиен Чоамени е иделаната замена за Касемиро. Но, на таа позиција играше и Едуардо Камавинга, а и Тони Крос е многу сигурен. Зависи од тоа како сакаме да играме. Ако сакаме контрола, ќе игра Крос. Ако ни треба енергија, подобри се Чуамени и Камавинга. Имаме квалитетни играчи од средниот ред, проблем е кој да игра од почеток. Со промени можеме да ја промениме динамиката на играта“, објасни Анчелоти.
Тој рече дека не планираат да носат нови играчи и додаде дека имаат многу играчи на кои договорите им истекуваат следната година. Меѓу нив е и Лука Модриќ.
„Иднината на играчите како Модриќ, Крос, Карим Бензема и Начо е јасна – ако сакаат, можат да останат во Реал до крајот на кариерите. Многу играчи заминуваат затоа што клубовите размислуваат за финансиите и не сакаат да ја ризикуваат иднината, но за нашите ветерани иднината е сосема јасна“, истакна тренерот на Реал.