Top Sport

„Федерер во јули знаеше дека е готово“

Пјер Паганини, кондициониот тренер на Роџер Федерер, истакна дека сопственикот на 20 Грен слем титули и најпопуларниот тенисер на денешницата уште во јули знаел дека е време да ја заврши кариерата.

Швајцарецот, минатата недела објави дека се повлекува од спортот и дека последен турнир ќе му биде егзибициониот натпревар Лејвер куп, кој ќе се игра од петок до недела во „О2“ арената во Лондон.

„Во јули веќе знаевме дека е готово. Се обидовме да му ја продолжиме кариерата со комбинирање на различни елементи на тренинзите, но не успеа“, изјави Паганини.

Последниот официјален турнир на кој Роџер играше беше Вимблдон минатата година. Неизвесно е дали воопшто ќе игра на својот проштален турнир.

„Тој ќе одлучи во последен момент. Последниве денови тренира, ќе види како ќе се чувствува. Сите сме возбудени поради тоа што се случува во Лондон. Верувам дека ќе излезе на теренот и дека публиката ќе има можност да го поздрави“, изјави Паганини.

Федерер пристигна во Лондон и во друштво на Стефанос Циципас и тренерот на Тим Европа, Бјерн Борг го одработи првиот тренинг.

 

Scroll to Top