Фудбалската репрезентација на Македонија утре (20.45 часот) ја пречекува селекцијата на Бугарија во Скопје во последниот натпревар од годинашниот циклус во Лигата на нации. Селекторот Благоја Милевски повика на спортско навивање, потсети дека Македонија во Разград имаше пријателски пречек, а што се однесува до натпреварот, се надева на наш триумф.
„Би сакал да истакнам дека Македонија имаше одличен прием во Разград, за тоа таму јас и јавно се заблагодарив, немаше свирежи на химната, немаше инциденти. Верувам, посакувам, така да биде и утре во Скопје. Што се однесува до натпреварот, Македонија оди на победа, се надевам дека ќе го добиеме тоа што го заслуживме со играта и во Тбилиси против Грузија. Сега Бугарија има нов селектор со нова филозофија на игра и многу нови фудбалери. Тоа можеби е мал проблем, но секако ние сме фокусирани на нашата игра“, изјави селекторот Благоја Милевски.
Капитенот Енис Барди верува дека резултатот на утрешниот натпревар ќе биде многу подобар од претходниот против Грузија.
„Фудбалот се игра на резултат и не е добро кога ќе загубиш. Се надеваме дека утре ќе бидеме многу подобри и дека на крајот ќе освоиме три бода. Имаме нови фудбалери, тие имаат квалитет, даваат голови во клубовите, но треба да дојде моментот да се вклопиме добро и во националниот тим. Мислам дека имам одлична генерација и ќе направиме големи работи. Нашата цел е јасна, тоа е Европското првенство во 2024 година“, изјави капитенот Енис Барди.