Луис Суарез ужива во својата татковина, во дресот на Насионал, подготвувајќи се за претстојното Светско првенство во Катар. Во интервју за шпанска „Марка“, зборува за заминувањето од Барселона, за Роналд Куман, неговата кариера, најдобриот тренер…
„Од почит и од човечност, би се ракувал со Роналд Куман доколку се сретнеме некаде. Сепак, се надевам дека повторно ќе биде голем како кога играше во Барселона и дека конечно ќе ми ја каже вистината зошто ме шутна од клубот бидејќи знам дека причината не беше од техничка или финансиска природа“, вели Суарез.
Тој смета дека управата на Барселона направила клучни потези ова лето, но не сакаше да шпекулира што ќе се случеше доколку истите потези ги направеа пред една година.
„Мислам дека финансиските потези на новото раководство на Барселона се фантастична работа. Гледам дека навивачите конечно имаат доверба во раководството на клубот и гледам дека знаат дека се способни да ја свртат ситуацијата. Не знам дали Меси ќе останеше ако тоа го направеа минатото лето, тешко е да се зборува од аспект „што би било кога би било“.
Тој има само пофални зборови за Барселона.
„Барселона е одлична. Доведоа одлични засилувања, а има младинци кои полека го стекнуваат потребното искуство. Мислам на Педри, Гави и Фати, кој конечно се опорави. Има и искусни играчи како Алба, Бускетс, Пике и Тер Штеген. Овој тим е подготвен да се бори на сите фронтови. Верувам дека Чави ќе ја врати Барса на корените. Всушност мислам дека веќе го прави тоа. Тој е дете на клубот, знае што сакаат навивачите и тоа што и треба на Барса“, смета Суарез.
Тој кратко одговори и на прашањето кој е најдобриот тренер со кој соработувал.
„Тоа е дефинитивно Луис Енрике“.