Работата за реновирање на стадионот „Сан Паоло“ во Неапол продолжува пред новата сезона, но претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис не е задоволен и го спореди со „тоалет“.
Де Лаурентис е лут на градскиот совет на Неапол за недостатокот на прогрес во работите, кои првично се одвиваат за одржувањето на Универзијадата во градот во јужна Италија во 2019 година.
„Да бев јас на чело на советот немаше да имаме финансиски проблеми. Уморен сум од кажувањето дека ’Сан Паоло’ пропаѓа и дека тие не прават тоа што е потребно. Наместо да имаме подобар стадион, тој сè повеќе изгледа на тоалет“, изјави Де Лаурентис на гостувањето кај „Радио Кис Кис“.
Де Лаурентис е лут на Атилио Аурикио, човекот кој го надгледува реновирањето и кој според него потрошил 25 милиони евра на глупости.
„Аурикио постојано лаже. Тој е советник за спорт, но и голем лажго. Не знам како честа не го натера да си даде оставка“, вели 69-годишниот бизнисмен.