Top Sport

Шпанските клубови подготвуваат штрајк против Суперлигата

Клубовите од Ла Лига ја разгледуваат можноста за штрајк со цел да извршат дополнителен притисок врз властите да донесат закон со кој би се блокирала можноста, во иднина некој да се приклучи на проектот Суперлига.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, продолжува да инсистира дека Суперлигата е иднината на клупскиот фудбал во Европа и цврсто се држи до својот план кој пропадна пред година и половина за само 48 часа.

Шпанските клубови, Реал, Барселона, заедно со Јувентус се уште се држат до својата страна на приказната. Сите други клубови се откажаа од оваа идеја под притисок на навивачите, политичарите и УЕФА.

Се чини дека сега клубовите решија да му застанат на патот на Перез со тоа што целата приказна ќе ја направат политичка.

Четиринаесет клубови од Примера наводно се закануваат со штрајк доколку владата не донесе закон за забрана на Суперлигата. Според шпанските медиуми, тие во понеделник треба да се сретнат со министерот за спорт Мигел Исет од кого ќе бараат гаранции дека ова прашање ќе се реши и дека ќе се смени Законот за спорт за да се блокира оваа идеја.

Наводно, клубовите се подготвени на штрајк следниот викенд доколку не бидат прифатени нивните барања. Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас ги информирал клубовите за можен штрајк кој би можел да започне на 28 октомври.

Се додава и дека 39 од вкупно 42 клуба во двете најсилни шпански лиги се за забрана на идејата за Супер лигата. Против се Реал, Барселона и Атлетик Билбао, но медиумите пипуваат дека и овие три клуба ќе го поддржат штрајкот.

Scroll to Top