Ерик тен Хаг, менаџерот на Манчестер јунајтед, пред гостувањето кај Челзи, потврди дека Кристијано Роналдо одбил да влезе во игра на натпреварот против Тотенхем.
Португалецот во средата вечерта го напушти стадионот во 89. минута, не остана со соиграчите и навивачите да ја прослави победата над Тотенхем од 2:0.
Холанѓанецот беше прашан дали е вистина дека Роналдо одбил да влезе во игра и што разговарале во четвртокот, кога клубот решил да го казни Роналдо и да го отстрани од составот за гостувањето во Лондон.
На прес-конференцијата беше спомнат и инцидентот од подготвителниот период кога Роналдо на полувремето, откако беше заменет, го напушти пријателскиот натпревар против Рајо Ваљекано.
„Да, тој одби да влезе во игра. Ако прашате за што разговаравме, тоа ќе остане меѓу мене и него. Клупското соопштение е многу јасно. Тој останува важен дел од тимот. Јас сум менаџер, јас сум одговорен за култура овде и морам да воспоставам одредени стандарди и вредности. Во тимот ги имаме тие вредности и јас ги контролирам. После Ваљекано му кажав дека тоа е неприфатливо, но не само за него , туку и за секој друг. Ова му беше втор пат и сега мора да има последици. Утре ќе ни недостига. Тоа е минус за составот,но ова беше важно поради навиките и менталитетот во групата, сега мораме да концентрираме на натпреварот со Челзи, тоа е важно“, изјави Тен Хаг.
Натпреварот на „Стемфорд Бриџ“ се игра во сабота на 22. октомври од 18:30 часот.