Викендов на патеката „Херманос Родригез“, ќе се вози Големата награда на Мексико. На патеката повторно ќе има три зони, во кои возачите ќе можат да ги активираат своите ДРС системи.
Првата зона ќе биде најдолга и се наоѓа на стартно-целната линија, а точката за активирање ќе биде на точно 323 метри од излезот на последната кривина, што значи дека пилотите ќе возат речиси еден километар со отворено задното крило.
Сепак, поради исклучителната надморска височина од над 2.200 метри и реткиот воздух, оваа должина на првата ДРС зона, не се очекува да придонесе за голем број претекнувања на неделната трка.
Втората зона, каде што пилотите ќе можат да го отворат задното крило, ќе биде на патот помеѓу свиоците три и четири, а точката за активирање ќе биде 116 метри по излегувањето од третата кривина.
За првите две зони ќе има заедничка точка за откривање на разликата меѓу возачите, која ќе се наоѓа на самиот излез од свиокот 15.
Третата и последна зона за активирање на системот ДРС, која беше додадена во 2019 година, ќе биде лоцирана на кратко пред да влезе на самиот стадион. Зоната ќе започне 80 метри по излезот од свиокот 11, а разликата меѓу возачите ќе се мери 70 метри по свиокот девет.
Инаку, според последните информации, неделната трка ќе се вози под идеални временски услови. Температурата за време на трката ќе биде 24 Целзиусови степени, а шансите за врнежи се под 30 проценти. И ветерот не би требало да претставува проблем за возачите, бидејќи се очекува да биде не повеќе од 2,2 м/сек.
Слични временски услови се очекуваат и во петок и сабота, што ќе ги олесни тренинзите, квалификациите и подготовката на екипите за трката, иако вториот тренинг во петок ќе биде посветен на тестирањето на гумите за следната сезона.