ПСЖ има тим со кој може да ја освои Лигата на шампионите, изјави италијанскиот голман Џанлуиџи Буфон. Легендарниот голман се сеќава на својот краток престој во Париз како едно од „најубавите искуства во кариерата“.
Светскиот шампион од 2006 година има 44 години и се уште не помислува да замине во пензија. Тој го брани голот на Парма, во Серија Б.
„Овие последни години беа чисто задоволство за мене“, изјави Буфон во интервју за Франс прес.
Во среда неговите поранешни клубови, Јувентус и ПСЖ ќе се соочат во Лигата на шампионите. Буфон ќе навива за Јувентус и покрај тоа што е јасно дека ПСЖ е голем фаворит.
„Ќе навивам за Јуве. Животот го поминав таму, постои силна врска, изградена на сè што живеевме заедно во 20 години (2001-2021). Тоа беше едно од најубавите искуства во мојот живот“, изјави Буфон.
Тој додаде дека е жално што мечот во Торино е неважен, бидејќи Јувентус веќе е елиминиран од Лигата на шампионите, а ПСЖ обезбеди пласман во осмина-финалето.
Запрашан дали ова е конечно вистинската сезона за ПСЖ во Лигата на шампионите, Буфон одговори дека „секоја година се чини дека е вистинската сезона“.
„Во последните седум-осум години, ПСЖ секогаш имаше тим кој можеше да ја освои Лигата на шампионите. Но, за да успее во тоа, има детали кои понекогаш зависат од среќата. Но, да, ПСЖ оди да ја освои Лигата на шампионите“, истакна Буфон.
Јувентус лошо ја започна новата сезона. Во Лигата на шампионите забележа само една победа на пет натпревари, додека во Серија А и покрај три триумфи е седми на табелата со десет бода помалку од водечкиот Наполи.