На 25-годишното момче од Торино, Франческо Бањаја, секогаш попознат како Пеко, му беше доволно и осмото место на последната трка од сезоната за да стане светски шампион во Мото ГП класата, првпат за возач на Дукати по легендарниот Кејси Стонер и првпат со италијанското знаме по неговиот идол и ментор, Валентино „Докторот“ Роси, кој беше на патеката во Валенсија за да не го пропушти славјето.
Алекс Ринс триумфираше на „Рикардо Тормо“ пред Хорхе Мартин и Брад Биндер, но сите очи беа вперени во двојката која се бореше за титулата – Бањаја на Дукати и актуелниот шампион, Фабио Квартраро на Јамаха. На Французинот Квартараро му требаше неверојатна позиција во која ќе победи, а Бањаја нема да освои поени, додека на Италијанецот му беше доволно само 14. место за осигирување на титулата. На крајот, немаше некоја битка, откако Бањаја конзервативно не влегуваше во остри дуели и му беше доволно осмото место, додека Квартараро заврши на четвртото место.
Бањаја ја започна кариерата како дел од академијата на повеќекратниот Мото ГП шампион, Роси во 2012 година и еден од ретките сениорски возачи кои остануваат дел од ВР46 академијата. Веќе следната сезона тој влезе во Мото3 шампионатот, каде што помина четири сезони, пред да се пресели во Мото2 и во втората сезона во 2018 година да стане светски шампион. По ова следуваше трансферот во МотоГП, прво со сателитскиот Прамак тим, а потоа и со главниот тим на Дукати, со кој лани го освои второто место зад Квартараро, а оваа сезона, конечно, ја оствари судбината и стана наследник на „Докторот“.