Кошаркарскиот клуб Црвена звезда го претстави Душко Ивановиќ за нов тренер. Црвено-белите, вчера, објавија дека спогодбено се разделиле со Владимир Јовановиќ.
Црвена звезда не ја започна најдобро тековната сезона, особено во Евролигата, каде во седум натпревари оствари само една победа. Српскиот шампион реши да го смени тренерот по една победа во првите седум кола во Евролигата и изненадувачкиот пораз од Задар во АБА лигата на почетокот на месецот (4-1).
Новиот тренер ќе дебитира на клупата во осмото коло од елитното натпреварување,против Асвел на домашен терен (четврток, 19.00 часот).
Црногорскиот стручњак зад себе има големо искуство на највисоко европско ниво, со Басконија освои три титули во Шпанија, последната, во 2020 година заедно со првотимецот на Црвена Звезда, Лука Вилдоза. Двапати ја водеше Баскија до финалето на Евролигата, а работеше и во Барселона и Панатинаикос.
По импресивната играчка кариера, одбележана со две европски круни (со Југопластика во 1989 и 1990 година), тој ја започна тренерската кариера во Фрибург, Швајцарија. Во кариерата бил тренер во Лимож, Химки и Бешикташ, а накратко ја предводеше и репрезентацијата на Босна и Херцеговина.