САД-Холандија во сабота на стаионот „Калифа“ и Англија-Сенегал во недела на „Ал Хор“ се првите осминафинални двојки на Светското првенство во Катар по завршувањето на натпреварувањето во групите А и Б.
Англичаните, освен во здодевното 0:0 реми со САД, покажаа дека имаат тим кој ќе се обиде да го поправи пласманот од пред четири години во Русија, кога завршија на четвртото место, но против себе ги имаат „Лавовите од Теранга“, Сенегал, кои пак многумина ги отпишаа поради отсуството на нивната прва ѕвезда, Садио Мане. Африканскиот тим првпат е во нокаут фазата по пауза од 20 години, но сепак, влегува во мечот како мал аутсајдер, посебно бидејќи се виде дека Герет Саутгејт може да смета и на фудбалери кои вообичаено се на клупата, како Маркус Рашфорд или Фил Фоден.
Истото може да се каже и за USMNT, односно Американците, кои се во осминафиналето без загубен меч (две ремија и една победа) против „оранје“, откако Холанѓаните играат „препородено“ под стариот „лисец“ Луис ван Гал. Ван Гал е човекот кој нема загубено меч на СП како тренер (не се сметаат испаѓањата надвор од регуларните 90 минути), и со фантастичниот Коди Гакпо во нападот, многумина ги сметаат за фаворити од сенка.
Какво е вашето мислење?
Графика: Sofascore за Топспорт.мк