Мадридска „Марка“ тврди дека Кристијано Роналдо е блиску до договор со саудиски Ал Наср. Португалецот, кој среде сезона беше исфрлен од Манчестер Јунајтед по низата скандали што ги предизвика, во Саудиска Арабија би заработувал по 200 милиони евра по сезона.
Според „Марка“, Саудијците за Роналдо подготвиле две и пол годишен договор.
„Роналдо нема избор. Ниту еден европски тим не може финансиски да се доближи до понудата на Ал Наср, а не можат ниту клубовите од МЛС“, пишува „Марка“.
„Марка“ наведува дека менаџерот Жорге Мендеш и Роналдо веќе ја прифатиле оваа понуда.
Ал Наср, клуб од главниот град Ријад, го предводи поранешниот тренер на Рома, Руди Гарсија, а најголеми ѕвезди на тимот се голманот Давид Оспина и поранешниот играч на Виљареал, Алваро Гонзалес.
Ал Наср, заедно со Ал Хилал, неговиот градски ривал, е најтрофејниот саудиски клуб.
Роналдо, кој е петкратен добитник на „Златната топка“, се врати во Јунајтед минатата година.
По разочарувачката сезона минатото лето, тој сакаше да го напушти клубот, но на крајот остана во Манчестер, а потоа се скара со тренерот и го критикуваше клубот во едно интервју.
Претходно играше и за Спортинг, Реал и Јувентус.
Трансферот на Кристијано Роналдо во Ал Наср би претставува фудбалска револуција.
Во моментов Килијан Мбапе, заработува најмногу на планетарно ниво. Според „Њујорк тајмс“, челниците на Пари Сен Жермен според договорот склучен летово му плаќаат по 83.000.000 евра по сезона, а потоа следуваат Нејмар со 48.996.000 и Лионел Меси (40.500.000).
Никој во историјата на фудбалот никогаш не ја преминал границата од 100.000.000 евра плата, а Кристијано Роналдо би можел да го удвои тоа и да постави рекорд кој, од оваа перспектива, тешко ќе биде соборен.