Фудбалскот сојуз на Шпанија (РФЕФ), еден час по објавата дека на Луис Енрике нема да му биде продолжен договорот, објави дека нов селектор на националниот тим е Луис Де Ла Фуенте.
Де ла Фуенте е селектор на младата шпанска репрезентација, кој во РФЕФ работи од 2013 година.
Де ла Фуенте најпрвин ја предводеше У-19 селекцијата на Шпанија, со која го освои Европското првенство во 2015 година. Подоцна, тој стана селектор на младата репрезентација (У-21), со која стана европски првак во 2019 година.
Во колекцијата има и сребрен медал од Олимписките игри во Токио. Шпанците во финалето беа поразени од Бразил.
Времето ќе покаже дали Шпанците направија вистински избор, бидејќи Де ла Фуенте речиси и да нема искуство во клупскиот фудбал. Работел во Б тимот на Атлетик Билбао, а кратко време и без поголем успех, во 2011 година, бил тренер на Алавес.
Сигурно е само дека ова ќе биде најголемиот предизвик во кариерата на овој 61. годишен тренер.
Новиот селектор ќе дебитира во март, во рамките на квалификациите за ЕП 2024 година, Шпанија ќе игра против Норвешка и Шкотска.
РФЕФ, промоцијата на новиот селектор ја закажа за в понеделник, кога Де ла Фуенте ќе и се обрати на јавноста и ќе го претстави новиот проект на Шпанија.