Натпреварот од Втората фудбалска лига меѓу Вардар и Кожуф е закажан за в петок на стадионот во Маџари од 13 часот. Другите натпревари ќе се одиграат в сабота, па ФК Вардар се оправда пред фановите за ваквиот епилог. Навивачката група Комити одлучи поради терминот да не присуствува на мечот од последното есенско коло.
„Одлучивме да не присуствуваме на последното коло, кое според изменетиот распоред треба да се одигра во петок (9.12.2022) со почеток од 13 часот. Нека видат како е пред празни трибини, тие што ставаат глупи термини!“, реагираа Комити.
Следуваше и објаснувањето од ФК Вардар.
„ФК Вардар ги известува своите навивачи и приврзаници дека терминот за натпреварот во рамките на 15-тото коло од ВМФЛ против екипата на Кожуф (утре, петок 9 декември од 13 часот на стадионот Борис Трајковски во населба Маџари во Скопје) се должи на тоа што не наидовме на одобрение за користење на терените во Скопје за време на викендот (Градски стадион, стадион на Македонија ЃП во населбата Ѓорче Петров, стадионот Железарница во населба Автокоманда, комплекс ФФМ и стадионот Борис Трајковски во населба Маџари, Скопје). Од таа причина единствени термини кои ни беа на располагање беа петок и вторник, одлучувајќи се за утрешниот“, известуваат од Вардар.