Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, кој поради повреда не игра на Светското првенство во Катар, од сабота ќе почне да тренира во шпанскиот клуб, соопшти тренерот Карло Анчелоти.
Како што пренесуваат француските медиуми, Бензема во сабота ќе се врати на тренинзите. Неговото враќање на тренинзите ќе биде истиот ден кога француската репрезентација ќе игра против Англија во четвртфиналето на Светското првенство.
Француската фудбалска федерација пред почетокот на првенството на 20.ноември објави дека Бензема ќе го пропушти Мундијалот поради повреда на бутниот мускул. Од федерацијата тогаш изјавија дека закрепнувањето ќе трае три недели. Фудбалерот се уште официјално е на списокот на француската репрезентација.
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) неодамна за француските медиуми објасни дека на крајот од првенството ќе додели 26 медали на победничките тимови, колку што францускиот селектор Дидие Дешам повика во репрезентацијата. Тоа би значело дека во случај Франција да освои медал на Светското првенство, медал би добил и Бензема.