Челси се подготвуваат за нов скап јануарски преоден рок, откако тие се најзаинтересирани за трансферот на Жоао Феликс од Атлетико Мадрид, тврдат британските медиуми.
Со ова ќе се комплетираат неколкуте бурни месеци на „Стемфорд Бриџ“, каде што прво дојде до смена на газдите, откако Роман Абрамович го продаде клубот на американски конзорциум предводен од Тод Бели, по што летните засилувања Рахим Стерлинг и Пјер-Емерик Обамејанг не ги исполнија очекувањата пред противничкиот гол, по што Греем Потер го смени Томас Тухел на клупата.
Се очекува во јануари да биде потврден трансферот на Кристофер Нкунку од РБ Лајпциг, но според „Телеграф“, главното засилување ќе биде Феликс од Атлетико Мадрид со договор за позајмица со обврска за купувње на 23-годишниот Португалец. Феликс е незадоволен во Шпанија, каде што е во конфликт со тренерот Диего Симеоне, кого јавно го критикуваше за дефанзивниот стил на игра. Претходно, шпанските медиуми објавија дека Атлетико веќе го понудиле на повеќе премиерлигашки клубови, но малку од нив се заинтересирани поради огромната сума која ја бара Атлетико.