Манчестер јунајтед ја забележи својата деветта победа во Премиерлигата оваа сезона, откако на домашен терен лесно со 3:0 ги победија Нотингем форест во првиот меч по паузата поради Светското првенство. Со победата тие стигнаа на еден поен од четвртопласираните Тотенхем со натпревар помалку и се одвоија на четири поени пред Ливерпул на шестото место.
Во првиот меч по заминувањето на Кристијано Роналдо од клубот, „ѓаволите“ почнаа офанзивно и стигнаа во водство во 19. минута, кога по еден интелигентно изведен корнер на Кристијан Ериксен, Маркус Рашфорд се запиша во листата на стрелците. Победата беше осигурана само три минути подоцна, кога Рашфорд му асистираше на Антони Марсијал за 2:0.
Нотингем немаа среќа кога во 41. минута постигнаа гол преку Вили Боли, но тој им беше поништен по долго прегледување на ВАР снимките поради минимален офсајд. Јунајтед ја имаа иницијативата и во второто полувреме, со повеќе шанси пред гостинскиот гол, за на крајот Фред во 87. минута да стави точка на натпреварот по убава асистенција од сонарoдникот Касемиро.