Top Sport

Ковчегот со посмртните останки на Пеле донесен на стадионот на Сантос

Ковчегот со посмртните останки на легендарниот бразилски фудбалер Пеле беше донесен во понеделник наутро по локално време на стадионот на Сантос, каде ќе биде јавно изложен.

Иако ковчегот беше доставен во раните утрински часови, пред стадионот „Урбано Калдеира“, во приморскиот град Сантос, навивачите со часови чекаа за да се простат од најдобриот фудбалер на сите времиња.

Ковчегот на Пеле беше донесен од болницата „Алберт Ајнштајн“, во Сао Паоло, на околу 80 километри од стадионот на Сантос. Пеле почина во четвртокот, на 82.годишна возраст, по долга борба со ракот на дебелото црево.

Според информациите кои ги објави Сантос, клубот во кој Пеле помина 18 години од својата кариера, ковчегот ќе биде поставен во централниот круг на тревникот на стадионот „Урбано Калдеира“, попознат како „Вила Белмиро“.

Навивачите ќе можат да поминат покрај ковчегот на растојание од околу пет метри. Според најавите, новоизбраниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва ќе дојде да му оддаде почит на фудбалскиот великан, чиј ковчег ќе биде изложен 24 часа.

Простувањето на Пеле ќе биде во вторник, а погребната поворка ќе помине низ населбата во која се уште живее стогодишната мајка на Пеле.

По негова желба ќе биде погребан на деветтиот кат на Меморијалните гробишта „Екуменика“, за да може да го „гледа“ својот град.

На самиот погреб ќе присуствуваат само членовите на семејството.

Scroll to Top