Шпанскиот напаѓач Лукас Перез (34) направи изненадувачки трансфер од прволигашот Кадиз во третолигашот Депортиво Ла Коруња. Перез оваа сезона редовно играше во Кадиз и беше најдобар стрелец на клубот во Ла Лига со три гола, но реши да си замине за да му помогне на својот поранешен клуб во борбата за влез во втората шпанска лига.
Според „Трансфермаркт“, Кадиз платил еден милион евра за Перез, а шпанските медиуми пишуваат дека оваа сума била преголема за Депортиво, па Перез од свој џеб платил половина од трансферот, односно половина милион евра. Перез е роден во Ла Коруња и ова ќе му биде третиот мандат во клубот од „Ријазор“.
Депортиво моментално се четврти на табелата, ја имаат позицијата која води во плеј-офот, додека првопласираната Кордоба има само четири бода повеќе. Првото место гарантира директен премин во втората лига, а Перез ќе се обиде да го врати некогаш славниот клуб на старите патеки на успехот.
Перез го играше веројатно најдобриот фудбал во кариерата во Депортиво. Во сезоната 2015/16. постигна 17 погодоци во највисокото ниво на шпанскиот фудбал и со тоа заработи трансфер во Арсенал. Две години беше член на лондонскиот клуб, но не се снајде. После тоа играше за Вест Хем, Алавес, Елче и Кадиз.