Кристијано Роналдо нема да може да дебитира за својот нов клуб, саудискиот Ал-Наср утре против Ал-Тае, откако мора да ја отслужи суспензијата од два меча добиена од Англиската фудбалска асоцијација (ФА) за инцидентот со навивачот на Евертон минатата сезона, открива „Дејли мејл“.
Неговиот нов клуб Ал-Наср веќе ги продаде сите 28.000 билети за мечот против Ал-Тае, но според англиските медиуми ќе мора да почека два меча за да ја почне новата епизода во кариерата. Роналдо доби казна од 50.000 фунти и суспензија од два меча на 17 ноември за инцидентот од април, кога изби мобилен телефон од еден млад навивач на Евертон по 1:0 поразот.
Зимската пауза поради Мундијалот значеше дека тој не ја отслужи суспензијата додека беше фудбалере на Маанчестер јунајтед, и според правилата на ФА, тоа треба да се случи во неговиот нов клуб. Според членот 12.1 од правилата на ФИФА за трансфери „сите дисциплински мерки до четири меча суспензија (или три месеци) кои не е отслужиле пред трансферот, треба да се пренесат во новата федерација каде што тој ќе биде регистриран“.
Ако ова се оствари, Роналдо нема да може да игра ниту во дербито на 14 јануари против Ал-Шабаб.