Рома на Жозе Мурињо стигна до тешко извојувана 1:0 победа над Болоња, а нивните градски ривали, Лацио немаа толку среќа пропуштајќи водство за неочекуван 2:1 пораз кај Лече при рестартот на италијанската Серија А по паузата поради Светското првенство.
На „Олимпико“, мечот започна со посебна посвета на Синиша Михајловиќ, неодамна починатиот српски фудбалер и тренер, кој во својата кариера играше за Рома, а двапати беше тренер на Болоња. „Волчицата“ експресно дојде во водство, уште во 6. минута кога Лоренцо Пелегрини беше прецизен од белата точка. Иако Рома имаше уште неколку добри шанси до крајот на мечот, поседот на топката беше кај гостите, кои на крајот си заминаа со празни раце од престолнината.
Во Лече, пак, Лацио исто така стигна до рано водство, преку Чиро Имобиле во 14. минута од мечот, но домашниот тим потоа направи магичен пресврт во второто полувреме. Габриел Стрефеца израмни во 57. минута, пред Лоренцо Коломбо во 71. минута да обезбеди три поени за Лече.
Лацио останува на петтото место со 30 освоени поени, а Рома сега е шеста со идентичен скор, но послаба гол-разлика. Лече уште повеќе избега од зонт за испаѓање на 12. место со 18 поени, веднаш зад Болоња.
СЕРИЈА А, 16.КОЛО
Рома – Болоња 1:0
Лече – Лацио 2:1