Едниот клуб од Манчестер не може без другиот. Ова го признава менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, кој објаснува дека обидот да се прекрати доминацијата на Манчестер јунајтед во англискиот фудбал е неговиот „најголем предизвик“ во кариерата.
Иако Манчестер јунајтед нема освоено титула од последната на Сер Алекс Фергусон во 2013 година (рекордна 20-та), тимот освојува по некој трофеј (два ФА купа, еден трофеј од Лига Европа), а Сити во исто време потроши многу за да ја намали разликат од лутите ривали и „бучните соседи“, како што еднаш ги нарече Фергусон, лани доминираа во Премиер лигата.
„Имаме соседи, кои во последните 15-20 години, постојано победуваа. Мојот најголем предизвик како менаџер е да го сменам тоа“, признава Гвардиола во новиот документарен филм на „Амазон“ за неговата работа на клупата на Сити.
47-годишниот поранешен прв човек на Барселона и Баерн Минхен постојано е фален како еден од најголемите визионери на денешниот фудбал, но и самиот признава дека има доста недостатоци.
„Ќе ви кажам нешто што е точно – ги немам сите одговори. Честопати пред моите фудбалери се однесувам како да знам, само да им ја кренам довербата“, додава Гвардиола.