Сер Џим Ретклиф, најбогатиот Британец и долгогодишен навивач на Манчестер јунајтед, потврди дека е еден од кандидатите за купување на клубот кој е поставен на пазарот од американските сопственици, семејството Глејзери. Неговата компанија „Инеос“, која е делумен сопственик и спонзор на Формула 1 тимот на Мерцедес, потврди дека тие „формално“ се во процесот.
Глејзери во ноември потврдија дека почнуваат процес за барање на инвеститори или на целосно продавање на клубот по контроверзни 17 години на чело на клубот. Се очекува дека тие ќе бараат најмалку 5 милијарди фунти за клубот, за кој се заинтересирани и повеќе инвеститори од Блискиот Исток, пред се од Саудиска Арабија.
Формалното доставување на понуди за клубот почнува во февруари, а се очекува да има и кандидати од САД.
Ретклиф и во текот на летото се обиде да купи премиерлигаш, откако даде понуда за Челси кога Роман Абрамович мораше да го продаде клубот, но ја загуби битката од американскиот конзорциум предводен од Тод Бели, кој плати 2.5 милијарди фунти и вети 1.75 милијарди фунти во инвестиции во клубот.