Огромно изненадување се случи во второто коло на Австралија опен. Американскиот тенисер Мекензи Мекдоналд го победи првиот носител и актуелен шампион Рафаел Надал со 3:0 во сетови. Шпанецот имаше проблем со повреда од крајот на вториот сет, поради што побара лекарски тајм-аут. Треба да се нагласи дека во тој момент Шпанецот веќе имаше сет и брејк негатива зад себе.
Во сетови беше 6:4, 6:4, 7:5 за 27-годишниот Мекдоналд по нешто помалку од два и пол часа тенис во „Род Лејвер Арена“.
Always a pleasure, @RafaelNadal 🫶#AusOpen • #AO2023 pic.twitter.com/CdnOMzYDK0
— #AusOpen (@AustralianOpen) January 18, 2023
Следен противник за Мекдоналд, кој ја оствари победата на кариерата, ќе биде подобриот од дуелот меѓу Јошихито Нишиока и Чехот Далибор Сврчина.
Надал не почна добро на овој дуел. Го загуби својот сервис во првиот гем, а потоа во петтиот гем Мекдоналд направи втор брејк за големите 4:1. Надал со рибрејк успеа да ја намали предноста на ривалот, но не успеа да ја стигне, па Американецот го доби првиот сет.
Првиот гем од вториот сет донесе и брејк во корист на Американецот. Сепак, Надал се враќа во четвртиот гем и израмни на 2:2. Клучниот брејк се случи во седмиот гем, кога Мекдоналд му го одзеде сервисот на Шпанецот, а набргу потоа Надал побара медицински тајм-аут.
Надал мораше да излезе од теренот за да му се помогне, а претходно во мечот можеше да се види дека се движи поинаку. Мекензи Мекдоналд ја искористи првата сет-топка во десеттиот гем и дојде до огромни 2:0 во сетови.
Потоа успеа да биде подобар и во третиот сет и го комплетираше со 7:5 во гемови.
Мекдоналд влезе во мечот со Надал по исцрпувачкиот меч со сонародникот Брендон Накашима во првото коло. Тој дуел траеше повеќе од четири часа, а Мекдоналд го доби во пет сета. Тој нема титула во сингл на АТП тур, а најдобар пласман во кариерата му беше претходниот август кога се најде на 48. позиција.