Ракометната репрезентација на Македонија го заокружува настапот на Светското првенство. Не ја оствари целта за пласман во главната фаза од Мундијалот, забележа три убедливи порази од селекциите на Норвешка, Холандија и на Аргентина, па е единствената европска селекција која игра во „Президент куп“. И таму беше убедливо поразена од Тунис, но оствари победи над Мароко и над Алжир.
Избраниците на Кирил Лазаров денеска (18 часот) во „Орлен арена“ во Плоцк, ќе ги одмерат силите со Јужна Кореја во натпреварот за 27.место на Светското првенство.
Азискиот претставник го освои второто место во групата 1 од „Президент куп“, по поразот од Чиле, а по победите над Саудиска Арабија и над Уругвај.
Во групната фаза, селекцијата на Јужна Кореја забележа три убедливи порази од Унгарија, Португалија и од Исланд.