Арина Сабаленка од Белорусија победи на Австралија опен. Во финалето славеше над актуелната шампионка од Вимблдон, Елена Рибакина. Спактакуларното финале, кое траеше речиси два и пол часа, Сабаленка го доби со 4:6, 6:3, 6:4.
Сабаленка ја освои првата гренд слем титулата во кариерата, во финален меч кој долго ќе се прераскажува. Белорусинката го загуби првиот сет, но доминираше во вториот и третиот и на крајот заслужено победи.
Рибакина го освои првиот сет откако направи два брејка, а еднаш го загуби својот сервис. Во вториот, Рибакина пропушти две брејк топки, па го загуби сервисот во четвртиот гем, по што Сабаленка израмни на 1:1.
Пресуден за третиот сет беше брејкот на Сабаленка во седмиот гем.
На крајот Сабаленка имаше 51 винер (16 ас сервиси) и 28 неизнудени грешки. И Рибакина беше во плус (31 винер, 25 неизнудени грешки, девет ас сервиси).
Со оваа победа, најголема во кариерата, Сабаленка од понеделник ќе се искачи на второто место на ВТА листата.