Најуспешниот олимпиец на сите времиња, поранешниот американски пливач Мајкл Фелпс вели дека за него е поважно да успее да спаси еден живот на луѓето кои страдаат од депресија, од сите медали кои ги освоил.
Фелпс, освојувачот на рекордни 23 златни медали на пет Олимпијади во интервју за „Си-ен-ен“ ја открива својата борба со депресијата и признава дека постоеле моменти кога не сакал да биде жив, и сака неговото искуство да помогне на другите.
„Би сакал да направам нешто, да спасам некој живот ако можам. За мене тоа е поважно од било кое злато. Јас направив некои неверојатни работи во базенот, но се мачев надвор од него. Тоа беше дел од мојот живот и понекогаш не сакав да бидам жив“, открива Фелпс.
По Олимпијадата во 2012 година во Лондон, Фелпс вели дека го допрел дното, но признава дека и неодамна имал „страшен момент“. Сепак, тој вели дека сега до крајот на животот ќе се бори со депресијата.
„Пред две три недели поминав низ доста страшен момент со депресијата. Тоа ќе продолжи да се случува во мојот живот, но колку повеќе научам за болеста, ќе поминувам полесно. Сакам да го направам мојот живот подобар учејќи ги другите како да се справат со работите околу нив. Јас најдов стабилност во мојот брак со Никол и таа ми помага во целиот живот“, вели 33-годишниот Фелпс, кој се повлече од базенот по ОИ во Рио во 2016 и веќе има две деца.