Кристијано Роналдо никогаш не бил самокритичен, а така се однесува и по двата тешки порази на Реал, од Џирона (2:1) во Ла Лига и Тотенхем (3:1) во Лигата на шампионите. По дуелот во Лондон Португалецот прстот го впери кон раководството на клубот.
„Во преодниот рок донесоа млади играчи кои имаат потенцијал, но заминаа Џејмс Родригез, Пепе и Мората кои имаат искуство. Бевме посилни минатата година, сега немаме доволно искуство“, рекол Кристијано по поразот од Тотенхем.
„Покрај тоа повредени се Карвахал и Варан. Јасно е каде лежат нашите проблеми. Не можеме повеќе да ги игнорираме, алармот ѕвони веќе подолго време“, дополнил Португалецот.
Шпанските медиуми оваа изјава на најдобриот играч во светот за 2017 година ја протолкуваа како критика на сметка на тренерот Зидан, кој во летниот преоден рок не донесе ниту една ѕвезда во тимот.