Фудбалерот на Олимпик Лион Хусем Ауар нема да го продолжи договорот со францускиот клуб и од лето ќе стане нов играч на Бетис, дознава специјализираниот фудбалски портал „Гол“.
Веќе подолго време се шпекулира за потенцијалното заминување на Ауар и многу клубови беа заинтересирани за неговите услуги. Медиумите во Англија пишуваа дека ќе го засилил Манчестер јунајтед на крајот од јануарскиот преоден рок, но клубот од „Олд Трафорд“, ја пополни дупката во средниот ред предизвикана од повредите со ангажманот на Марсел Забицер на шестмесечна позајмица.
„Голl,“ тврди дека Ауар ги договорил деталите за соработката со Бетис и дека ќе се пресели во Шпанија по истекот на актуелниот договор со Лион.
За 24. годишниот фудбалер беа заинтересирани Интер и Севиља, но тој реши да му се приклучи на тимот на Мануел Пелегрини.
Бетис веќе купуваше во Лион, откако го ангажираше Набил Фекир за 20 милиони евра во летото 2019 година. Офанзивниот играч за врска беше и на мета на гигантите пред да се одлучи за преселба на „Бенито Виљамарин“. Во зелено-белиот дрес досега одигра 135 пати и забележа 27 гола и 26 асистенции.