Антонио Конте најверојатно ќе го напушти Тотенхем на крајот на сезоната. Договорот на Италијанецот истекува во јуни, а засега нема индиции дека би можел да го продолжи.
Тотенхем исто така не блеска, Италијанецот не е во добри односи со раководството, кое не го дели неговиот шампионски менталитет и не сака да инвестира огромни средства во тимот.
По поразот од Милан во ЛШ, Конте навести потенцијално враќање во Италија.
„Не сакам да зборувам за иднината, но и како поранешен селектор на Италија, сите знаат колку ми значи мојата земја. Италија е во моето срце. Никогаш не можам да ја отфрлам можноста еден ден да се вратам “, изјави Конте.
Медиумите на Островот веднаш почнаа со најавите дека во тимот од Лондон ќе се врати Маурисио Покетино.
Аргентинецот доби отказ во ноември 2019 година по лошиот почеток на сезоната, иако во претходната го предводеше Тотенхем до финалето на Лигата на шампионите. Покетино подоцна го водеше ПСЖ, каде што не се прослави и од летово е без работа.