Македонската таеквондо федерација денеска склучи договор за соработка со Алкалоид, кој ќе им помага во следните две години на македонските таеквондисти кои се борат да остварат олимписка норма.
Директорот на Алкалоид, Живко Мукаетов, потенцираше дека е среќен што ќе има соработка со Македонската таеквондо федерација.
„Чест и гордост ни е што сме тука заедно со македонската таеквондо федерација. За нас како компанија која е општествено одговорна и на која спортот ѝ е приоритет, е многу важно што се вклучуваме во спортот. Оваа година и следната, колку што е договорот, сакаме да бидеме дел од системот во таа подготовка. Среќен сум кога ќе видам посветени луѓе кои ја претстасвуваат Македонија како амбасадори на високо ниво. Навистина е голема радост тоа што го направи Дејан на Олимпијадата. Јас сум оптимист дека ќе освоиме нови медали“, вели Мукаетов.
Претседателот на Македонската таеквондо федерација, Борче Костовски, исто така потенцираше дека е задоволен поради новата соработка.
„Благодарност до Мукаетов, кој е човек што со широко срце кој му помага на македонскиот спорт. Тој ја препозна нашата приказна и потенцијалот и се надевам дека заедно ќе бидеме уште поуспешни. Се бориме за олимписки норми во Париз, се надевам дека ќе го оствариме тоа и дека повторно ќе го радуваме македонскиот народ“, изјави Борче Костовски.
Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски најави жетва на нови медали во иднина.
„Благодариме за оваа поддршка, навистина многу ни значи. Оваа година освоивме медал на Президент Купот во Турција и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам. Има многу турнири и се надеваме на нови медали“, истакна Георгиевски.