Поранешниот напаѓач на Челси, Тимо Вернер го нападна неговиот стар клуб и посебно поранешниот менаџер Томас Тухел дека го „забораавил“ неговиот успех, пред утрешниот меч на РБ Лајпциг со Манчестер сити.
Германецот се врати во Лајпциг во летниот преоден рок по непостојани две сезони на „Стемфорд Бриџ“, велејќи дека сака да ја врати љубовта кон фудбалот, посебно откако Челси потрошија 98 милиони фунти на Ромелу Лукаку како негова замена. 26-годишниот Вернер беше стартер во мај 2021, кога Челси го совлада Манчестер сити за титулата од Лигата на шампионите, за само три месеци подоцна клубот да го купи Лукаку.
„Најголемиот проблем беше тоа што Тухел постави напаѓач како Лукаку пред мене во втората сезона откако јас ја освоив Лигата на шампиони играјќи во речиси сите натпревари во првиот тим. Беше тешко да се види клубот како плаќа толку пари за напаѓач, потврдувајќи дека немаат доверба во мене. Тоа беше заборавено од менаџерот и не беше фер. Тоа беше причината поради која се вратив во Лајпциг. На крајот, секој тренер преферира одреден играч и морам да го прифатам тоа. На крајот, сакав само да заминам“, вели Вернер.