Португалскиот фудбалер Жоао Кансело призна дека одлучил да замине на позајмица во Баерн бидејќи не сакал да биде резерва во Манчестер сити.
Кансело, последниот ден од зимскиот преоден рок се пресели на позајмица во Минхен. Баерн ќе може да го откупи неговиот договор за 70 милиони евра.
Кансело (28) изјави дека неговиот статус се променил по Светското првенство во Катар, бидејќи менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, решил да ги фаворизира Нејтан Ајке и Рик Луис.
„Мислам дека професионален фудбалер секогаш мора да биде малку себичен. Мора да се чувствува дека важен дел од тимот, бидејќи сака да игра, а секој што вели поинаку тојлаже. Натпреварувач како мене, кој сака да освојува титули, секогаш сака да игра. Мислев дека заслужувам да играм, Гвардиола не мислеше така“, откри Кансело.
Португалскиот фудбалер уште еднаш демантираше дека се скарал со Гвардиола.
„Разговаравме и двајцата решивме дека треба да одам во друг клуб. Се појави можност што не можев да ја одбијам. Манчестер сити се согласи со мојата одлука. Јас сум професионалец, секогаш давав се за клубот за кој играв. Имам тежок карактер, но секогаш сум ги почитувал соиграчите и тренерот“, изјави Кансело.
Португалскиот фудбалер одигра пет натпревари за Баерн, но се уште не се запишал во листата на стрелците.