Францускиот фудбалски гигант Пари Сен Жермен троши најмногу финансии за платите на фудбалерите од сите клубови во првите пет европски лиги (Англија, Франција, Италија, Шпанија и Германија). Ова го покажува истражувањето на SportsLens.com.
Шампионот во Лига 1 исплаќа повеќе од 208 милиони евра плата на играчите за сезоната 2022/2023, а потоа следат светскиот и европски првак Реал Мадрид со 139,6 милиони евра, пред Барселона со 119,12 милиони евра.
Парижаните се лидери и според висината на просечната плата за еден фудбалер, која изнесува 6,71 милиони евра. Реал Мадрид е повторно второпласиран со 6,07 милиони евра по играч. Тоа се единствените два фудбалски тима со просечни плати над 6 милиони евра.
Лидерот во Ла Лига, тимот на Барселона, е на третото место во ова рангирање со 5,41 милиони евра по играч, а следат германскиот шампион Баерн Минхен со 5,07 милиони и англискиот шампион Манчестер Сити со 4,78 милиони евра.
Клубовите од петте најдобри фудбалски лиги потрошија 5,7 милијарди евра на трансфери за сезоната 2022/2023, што е речиси 50 отсто повеќе од претходната сезона.