Тотенхем поставиле цена од 100 милиони фунти на својата прва ѕвезда, Хери Кејн, по големиот интерес на Манчестер јунајтед за англискиот капитен, кој има уште 15 месеци од договорот со лондонскиот клуб, тврдат британските медиуми.
Кејн минатото лето се обиде да издејствува трансфер во Манчестер сити, но клубот отфрли можност да го продаде, по што тој се согласи да остане барем уште една сезона во Спарс. Сити наместо Кејн, го купија Ерлинг Халанд, така што е тешко да се верува дека повторно ќе тргнат за него, така што „Олд Трафорд“ останува неговата најверојатна дестинација.
Неодамна, Гери Невил посочи дека Манчестер јунајтед е совршена шанса за Кејн.
„Навивачите на Тотенхем ќе ми се налутат и ќе сметаат дека само сакам да го привлечам Кејн во Манчестер јунајтед, но во моментов најверојатен трансфер е токму во Јунајтед, кои се очајни за таков напаѓач“, изјави Невил.
Кејн и оваа сезона е најдобриот играч на Спарс со 18 гола во Премиерлигата, со што е на второто место токму зад Халанд.