ПСЖ уште еднаш ги разочара своите симпатизери со вчерашното испаѓање од Лигата на шампионите. Како и многу години претходно, парискиот клуб во осминафиналето се прости од најелитното европско натпреварување. Овој пат скапиот тим, полн со ѕвезди, беше исфрлен од Баерн.
Целиот тим, а особено Лионел Меси се на удар на критики во француската јавност.
Еден од најгласните во тие критики е Жером Ротен, поранешен играч на ПСЖ од 2004 до 2009 година.
„Не го сакаме, тој мора да го напушти ПСЖ. Не сака да му се посвети на клубот. Читав некои изјави каде што рече дека добро се адаптирал. На што си се прилагодил драги мој? Се прилагоди на тоа да постигнеш 18 гола и да забележиш 16 асистенции на натпреварите со Анже и Клермон? Во важните натпревари никаде го нема“, изјави Ротен за „RMC“ и додаде:
„Тоа е како да се потсмева. Сите видовме како играше на Светското првенство и колку беше посветен. Разбирам дека репрезентацијата е нешто друго, но треба да го почитувате клубот каде што добивате плата. Само ПСЖ може да му ја даде платата што ја има во моментов. Во клубот сметаа дека ќе му помогне да ја освои Лигата на шампионите, но тој во ништо не му помогна на клубот“.