Аксел Вицел во понеделникот ги „спаси“ Борусија Дортмунд од испаѓање во германскиот куп против Гројтер Фирт, постигнувајќи гол во 90. минута за 1:1 (за потоа Марко Ројс да ги однесе понатаму со гол во 120. минута).
Меѓутоа, Белгиецот, кој се врати од Кина за да потпише со БВБ предизвика внимание со својот гест за прослава, покажувајќи „албански орел“ со рацете, налик на прославите на Џердан Шаќири и Гранит Џака по головите против Србија на СП во Русија.
Меѓутоа, по прашањата од германските медиуми, Вицел објаснува дека причината е поинаква.
„Почнав со таква прослава бидејќи мојот татко беше навивач на Франција, а Николас Анелка така прославуваше. Се работи за птица која лета и расте, како што јас растам“, изјави Вицел, кој посочи дека прославува така подолго време, но досега никој не го забележил тоа.