По Челси, Манчестер сити, Милан, Интер, Баерн Минхен и Бенфика, остануваат само уште два непознати учесници во четврт-финалето на Лигата на шампионите. Ако се смета по резултатите од првото коло, исходот е јасен, но фудбалот никогаш не е нешто „сигурно“.
Пред две недели, Реал Мадрид во партија која нивните фанови ќе ја паметат стигна до славна 2:5 победа на гости кај Ливерпул, замолчувајќи го „Енфилд“, додека Наполи, покрај доминацијата во Серија А, дојде и до 2:0 победа на гости кај актуелните шампиони од Лига Европа, Ајнтрахт Франкфурт.
Ако на „Диего Армандо Марадона“ во Неапол, не се очекуваат потреси, навивачите на Ливерпул, посакуваат (или можеби се надеваат) на нов историски камбек на нивните миленици. Логиката вели дека тоа е „невозможна мисија“, посебно бидејќи во првиот меч тимот на Карло Анчелоти ги покажа сите слабости на „црвените“, а исто така пет од последните шест меча меѓу двата тима завршиле со победа на Реал.
Но, во својата 131-годишна историја, европската историја на Ливерпул беше полна со „невозможни мисии“ – тие ја освоија европската титула во 1984 година со победа на гости кај Рома, а во 2005 година, во славната ноќ во Истанбул се вратија од 3:0 негатива против Милан, предводен од сегашниот тренер на „кралевите“, Карло Анчелоти. Последната славна европска камбек победа, секако е таа во полуфиналето во 2019 година, кога ги победија Барселона со 4:0 по гостинските 0:3, но тоа беше на „Енфилд“.
Тие исто така можат да добијат инспирација од Челси предводени од Томас Тухел, кои минатиот април, имаа 0:3 водство на „Бернабеу“ на 10 минути пре крајот, пред Реал да се врати со головите на Родриго и Карим Бензема.
Сега, „црвените“ чекаат ново фудбалско чудо.