Вечерва ќе се одиграат реванш натпреварите од осминафиналето на Лига Европа и Конференциската лига.
Во Лига Европа во центарот на вниманието ќе биде дуелот помеѓу Арсенал и Спортинг во Лондон.
Во Лисабон немаше победници, но беше бурно – 0:1, 2:1 и потоа 2:2, што гарантира забавна вечер и на Емирати.
Тензично ќе биде и во Фрајбург, каде Јувентус брани само 1:0 од првиот меч во Торино.
Фрајбург не е познато име на меѓународната сцена, но германската екипа ретко прима голови оваа сезона и моментално се наоѓа на петтото во Бундеслигата.
Од друга страна, Манчестер Јунајтед треба само да го одработи реваншот во Севилја против Бетис. „Црвените ѓаволи“ имаат предност од 4:1 по пр иот меч.
Дури три екипи ќе бранат 2:0 на гости – Севиља против Фенербахче, Баер Леверкузен против унгарски Ференцварош и Рома против Реал Сосиедад.
Нè очекуваат неизвесни 90 минути на дуелот меѓу Феенорд и Шахтјор во Ротердам, бидејќи на првиот меч беше 1:1.
Се надеваме на нов спектакл на средбата помеѓу тимовите кои го носат името Унион. Овојпат белгиски Ројал ќе му гостува на германски Берлин, по бурните 3:3 во првиот меч.
Во Конференциската лига во средата го добивме првиот четвртфиналист, белгиски Гент, убедливо го порази со 4:1 Башакшехир во Истанбул.
Во четврток во преден план ќе биде дуелот меѓу АЗ Алкмар и Лацио во Холандија.
Римјаните беа неочекувано поразени во првиот меч со 2:1 на свој терен.
Вториот италијански претставник Фиорентина со предност од 1:0 ќе го започне реваншот против Сивас во Турција, додека Ница со минимален капитал од првата средба го чека молдавски Шериф.
Вест Хем и полски Лех имаат по 2:0 пред реваншите со АЕК од Ларнака и Ѓургарден. Од нула своите натпревари ќе ги започнат Виљареал против Андерлехт (1:1) и Слован против Базел (2:2).