Во Ред бул рејсинг очигледно одлуката Даниел Рикардо да замине во Рено следната сезона ја сфатија премногу лично и како мало „предавство“, по неколкуте потези пред Белгиското ГП овој викенд.
Ред бул веќе го потврдија Французинот Пјер Гасли како замена за Австралиецот, меѓутоа Хелмут Марко, „десната рака“ на сопственикот на тимот Дитрих Матешиц, и човекот кој одлучува за персоналниот состав на Ред бул рејсинг и Торо росо, го обвини Австралиецот дека ги „лажел“ за неговите намери.
Според Австриецот, Рикардо му ветил дека ќе продолжи со Ред бул уште по Унгарското ГП во јули, пред да се реши за изненадувачкиот трансфер, велејќи дека тоа е „многу чудна ситуација“.
„Во Унгарија тој му кажа на г-динот Матешиц дека е подготвен да потпише договор во вторник, но тоа не се случи. Потоа, тој во четврток ми се јави и ми кажа дека оди во Рено. Или не верува во нашиот проект, или Рено му понудија многу, многу пари“, изјави Марко за австрискиот ТВ канал „Сервус“.
Според „ЕСПН“, 29-годишниот Рикардо го демантирал ова, и иако признал дека имало понуда за договор за која се преговарало, тој никогаш официјално не ја прифатил. Рикардо оваа сезона победи во Кина и Монако, но во 12 трки имаше четири откажувања и е петти во генерален пласман. Класичната трка во Спа ќе биде прва за него по потврдувањето дека си заминува и прес-конференциите во Белгија ќе бидат многу, многу интересни.