Огорчениот Карим Бензема ги отфрлил плановите да добие проштевање со француската репрезентација пред петочниот дуел со Холандија на „Стад де Франс“, кога „триколорите“ стигнаа до убедлива 4:0 победа во првиот меч во кој Килијан Мбапе ја носеше капитенската лента.
Според француските медиуми, Бензема и Мбапе требале да бидат почестени заедно пред мечот, но 35-годишниот голгетер на Реал Мадрид пратил електронска порака до Француската федерација дека „нема да биде достапен“.
Бензема се повлече од репрезентацијата лут на селекторот Дидие Дешам, кој го прати дома од СП во Катар, и покрај тврдењата дека тој се опоравил од повредата на бутниот мускул. Тој дури одби понуда од францускиот претседател Емануел Макрон да го следат заедно финалето од СП во Катар, каде што загубија од Аргентина.
Дешам одби да одговара за конфликтот.
„Таа работа е завршена. Нешто што е зад нас и затоа веќе нема да коментирам“, изјави Дешам.