Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи селекцијата на Фарски Острови со 1:0 на денешниот пријателски натпревар во Скопје. Стрелец на голот беше Бојан Миовски во 82.минута од мечот.
Селекторот Благоја Милевски е задоволен со оглед дека Македонија запиша две победи во овој кус период.
„Ако подвлечеме линија после овие два натпревари, без разлика што овој денешниот беше пријателски, можам да бидам задоволен, пред сѐ од пристапот на играчите, енергијата, желбата…Сето тоа ми предизвикува задоволство и прави една добра база за тоа што нѐ очекува во јунскиот прозорец од квалификациите“, изјави Милевски.
Селекторот на Фарски Острови, Хакан Ериксон, изјави дека не е задоволен од поразот, но може да биде релативно задоволен од тоа како одигра неговата селекција во целина.
„Не можам да бидам одушевен од поразот, но задоволен сум од тоа како одиграа фудбалерите. Во целина одиграа добро против еден квалитетен тим каков што е Македонија. На Фарски Острови се сака фудбалот, во секое село има црква и фудбалски терен. Од друга страна, Македонија е селекција со голем технички потенцијал, некои играчи прават голема разлика на теренот. Вие еднаш ја победивте и Италија, зошто не би го повториле тоа?“, изјави селекторот на Фарски Острови.