Поранешниот италијански напаѓач Кристијан Бобо Виери оценува дека Антонио Конте е „навикнат“ да се кара со сите, и не е изненден што Тотенхем решија да му врачат отказ на Италијанецот. 53-годишниот Конте доби „шут-карта“ по бруталната прес-конференција во која ги нападна своите играчи, газдата Даниел Леви и „лузерската“ атмосфера во клубот.
Виери, кој играше покрај Конте како фудбалер на Јувентус, вели дека било јасно дека тој нема да потрае во Тотенхем.
„Антонио е навикнат да се судира со сите, тоа е во неговиот карактер. Ако некој клуб го ангажира, тогаш треба да очекуваат дека ќе имаат некој кој никогаш не е задоволен со ништо, бидејќи се работи за брутален карактер. Тешко е да го имате во клуб, бидејќи ве остава без сон. Има тренери како него и Жозе Мурињо кои се како чекани и бараат максимум од сите и тоа постојано“, вели Виери во интервју за „Кориере дела сера“.