Top Sport

Навивачи влегле на патеката во Мелбурн, Ф1 покрена истрага

Организаторите на третата трка во Формула 1, Големата награда на Австралија, најавија истрага за инцидент во кој гледачите го пробија обезбедувањето и се упатија кон патеката пред крајот на трката.

„Можеше да биде страшно“, рече менаџерот на Австралиското Гран При, Ендрју Вестакот, ветувајќи темелна истрага.

Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) од своја страна побара објаснување од организаторите, сметајќи дека инцидентот е сериозно прекршување на спортскиот кодекс.

Медиумите пренесоа слики од толпата како се провлекува низ безбедносните бариери и се искачува на палисадата на само неколку метри од тркачките автомобили, на крајот од хаотичната трка во која победи актуелниот светски шампион, Холанѓанецот Макс Верстапен (Ред Бул).

Трката ја следеа околу 131.000 гледачи. Некои успеаја да стигнат до болидот на Хас на Германецот Ник Хулкенберг, кој стоеше на излезот од вториот свиок.

„Безбедносните мерки и протоколи што требаше да бидат воспоставени за настанот не беа спроведени, со што се создаде опасно окружување за гледачите, возачите и официјалните лица на трката“, соопшти ФИА.

„На гледачите им е дозволено да влезат на патеката по завршувањето на трката и откако ќе помине безбедносното возило“, потсети директорот на Големата награда на Австралија. „Гледачите пробија една од бариерите, се уште не знаеме како“, додаде тој.

По оваа победа, двократниот светски шампион Верстапен е лидер во генералниот пласман и има 15 бода предност пред тимскиот колега Серхио Перез.

 

Scroll to Top