Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Лук Шо го продолжи договорот со клубот од Олд Трафорд до 30 јуни 2027 година, соопштија од клубот.
Шо (27) во Манчестер јунајтед пристигна во 2014 година од Саутемптон, а за „црвените ѓаволи“ одигра 249 натпревари во сите натпреварувања и постигна четири гола.
„Пред девет години го потпишав мојот прв договор со овој неверојатен клуб. Воодушевен сум што ќе го продолжам престојот во Манчестер јунајтед. Неизмерно се подобрив откако дојдов во Манчестер. Знам што е потребно за успех со овој клуб. Ние сме на почетокот на патувањето со менаџерот и неговиот стручен штаб. Има голема шанса да се создаде нешто посебно овде, и јас сакам да бидам дел од тоа“, изјави Шо по потпишувањето на новиот договор.
За репрезентацијата на Англија настапи на 29 натпревари и постигна три пати.