Кристијан Хорнер со насмевка одговори на тврдењата дека Ред бул имаат толку голема предност во брзината во однос на другите тимови, што „успоруваат“ во текот на трките оваа сезона за да избегнат интервенција на ФИА.
Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел тврди дека Ред бул „се воздржуваат“ и се „срамат да го покажат полниот потенцијал“, оценувајќи дека РБ19 болидот е барем седум десетинки од секундата побрз по круг од конкуренцијата. Неговиот шеф, Тото Волф исто така ја оцени предноста на Ред бул на рамните делови како „неверојатна“, посебно откако Макс Ферстапен безмилосно го помина Луис Хамилтон на Австралиското ГП.
Хорнер на коментарот на Расел одговори интересно.
„Тоа е многу пристојно од него. Мислам, неговиот тим добро знае за таква предност за која зборува. Секогаш постои елемент на менаџирање на брзината во секоја трка. Во Австралија на програмата беше трка со едно влегување во боксот и секогаш треба да се менаџираат гумите. Не го видовте Серхио Перез дека се влечка на патеката или дека ‘штеди’ седум десетинки по круг“, вели Хорнер.