Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола смета дека неговата ѕвезда Ерлинг Халанд има вистински менталитет за да ги сруши рекордите на легендите Лионел Меси и Кристијано Роналдо.
22-годишниот Норвежанец стигна до 44 гола оваа сезона за Сити со двата гола при 1:4 победата на гости кај Саутемптон, со која Сити се доближи на само пет поени од лидерите Арсенал. Халанд исто така стигна до 30 гола во Премиерлигата во својата прва сезона, како трет играч во историјата по Енди Кол и Кевин Филипс. Меси и Роналдо имаат по над 800 гола во својата професионална кариера, а Халанд има 200 гол во 244 меча.
„За да се стигне до нивото на Кристијано и Меси е потребна напорна работа. Тие никогаш не беа повредени, а Ерлинг е толку висок и голем, што му е потребна грижа од физиотерапевтите. Но, од моментот кога го сретнав се виде дека има вистински менталитет. Живее да биде професионалец и да се натпреварува. Го гледам кога промашува, дури и на тренинг, прво е фрустриран само пет минути, а потоа продолжува. Си поставува притисок како Меси и Роналдо. Кога нема да постигне два или три гола си вели каде е проблемот. Мислам дека Меси е покомплетниот играч, но другите двајца, Кристијано и Халанд се како машини. Но, Ерлинг знае дека другите двајца доминираа две децении, а не само една сезона“, вели Гвардиола.