Top Sport

Голчиште на Марсело на легендарната „Маракана“

Бразилската легенда Марсело го освои својот прв трофеј по враќањето во матичниот клуб, Флуминенсе. До пехарот стигна благодарение на победата на неговиот тим над Фламенго од 4:1 во финалето на шампионатот на Рио де Жанеиро одиграно на „Маракана“.

Флуминенсе ја анулираа предноста на Фламенго од 0:2, од првиот меч и со вкупен резултат 4:3 стигнаа до титулата шампион на оваа бразилска сојузна држава.

Серијата голови ја отвори Марсело во 30. минута. Тој ја прими топката на работ од шеснаесетникот, доби дуел со двајца противнички играчи и потоа со одличен удар ја погоди противничката мрежа.

Следните два гола ги постигна Херман Кан (34′, 56′), додека четвртиот го постигна Александар (65′). Почесниот гол за Фламенго го постигна Аиртон во последните секунди од натпреварот.

Флуминенсе ја освои 33. титула шампион на државата Рио де Жанеиро, па следниот викенд во добро расположение ќе го дочека стартот на бразилското првенство.

Scroll to Top