Судиската комисија на англиската Премиер лига до дополнително известување го суспендираше линискиот судија од неделниот натпревар помеѓу Ливерпул и Арсенал, Константин Хацидакис, кој со лакт го удри играчот на „црвените“, Енди Робертсон.
Хацидакис нема да биде делегиран за натпреварите во Премиер лигата се додека не биде спроведена истрага за инцидентот со Робертсон.
На крајот на првото полувреме, фудбалерот на Ливерпул Енди Робертсон му приговараше на главниот судија Пол Тирни и за тоа доби жолт картон, а откако малку се смири ситуацијата и додека играчите се движеа кон соблекувалната, помошниот судија Константин Хацидакис го удри со лакт Робертсон.
Легендарниот напаѓач на Блекбурн кој го освои трофејот во 1995 година, Крис Сатон, денес работи како стручен аналитичар за Би-би-си и призна дека никогаш не видел такво нешто.
„Навистина не знам што мислеше Хацидакис. Колку што гледам, тој треба да биде најстрого казнет. Не можам да се сетам на друг ваков настан. Никогаш не сум видел вакво нешто. Голема тема беше Александар Митровиќ и неговата суспензија од осум натпревари, а ФА бара за него уште поголема казна. Во ред, но не можете да имате помошници судии да удираат со лакт. Тогаш каква казна тие треба да добијат? “, прашува Сатон.